Селмани за БГНЕС: Заев избра погрешна стратегија во спорот со Бугарија

„Главна причина за изборниот колапс на СДСМ се преголемите очекувања што ги генерираше кај граѓаните додека беше во опозиција. СДСМ вети дека ќе ги врати слободата и демократијата и ќе ги казни членовите на претходната влада. Ветуваше премногу, но постигна малк, вели Насер Селмани, новинар и ппублицист за бугарската агенција БГНЕС.



Освен решавање на спорот со Грција, кој го отвори патот за членство во НАТО, другите ветувања беа или за мали промени на системот или за продолжување на стариот начин на работа. Конечно, владата на СДСМ не покажа никакви видливи економски резултати, наместо тоа имаше пад на странските инвестиции во земјава и зголемено иселување на младите кои веќе не гледаат перспектива во државата“ – вели Селмани.

Според него една од главните причини зошто СДСМ ја загуби поддршката од гласачите беше неможноста да ги започне преговорите за членство во Европската унија.

„Граѓаните сакаа влада која ќе ги решава проблемите, а не да се правда зошто не може да ги реши“ вели Селмани.

„Заев избра погрешна стратегија во решавањето на спорот со Бугарија, без која преговорите не можат да почнат. Наместо сериозно да се вклучат во преговорите со Софија за изнаоѓање компромисно решение за спорот, тие очекуваа ЕУ или САД да извршат притисок врз Бугарија за деблокирање на процесот.

Кога тоа не се случи, односите со Бугарија дополнително се вжештија со ширењето на антибугарското расположение и евроскептицизмот преку медиумите контролирани од владата.

Ова беше придружено со обвинувања против ЕУ дека не успеала да ги реши проблемите на Западен Балкан.

Не верувам дека ние како држава имаме политички капацитет да го понудиме најдоброто решение во новонастанатата ситуација, бидејќи имаме политичка елита која пред се ги зема предвид своите лични и партиски интереси, а не интересите на државата“.

Селмани смета дека сега најдобро би било да се формира преодна влада, поддржана од сите парламентарни партии, која ќе има три главни задачи; да се подготви брза стратегија за справување со енергетската криза, да се реши спорот со Бугарија и да се отпочнат преговорите за членство во Европската унија и на крај да се подготват предвремени избори што е можно поскоро.

„СДСМ заедно со ДУИ во парламентот ќе се обидат да не ја прифатат оставката на Заев, а со тоа да се продлабочи политичката криза.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ заедно со албанските опозициски партии ќе го засилат притисокот врз владата да поднесе оставка и да се обиде да создаде ново парламентарно мнозинство кое ќе ја подготви земјата за нови парламентарни избори. Конечното решение се чини ќе го наметне меѓународната заедница која ќе се обиде да најде компромисно решение меѓу двете земји. Таа најверојатно ќе се заложи за прекин на спорот со Бугарија и почеток на преговори со Европската унија, па изборите најверојатно ќе бидат одложени до пролет“-вели Селмани за БГНЕС.