„Албанските држави и целиот албански народ насекаде кај што живее и се приклучија на евроатлантската коалиција во осудата на варварската агресија на Путин и во солидаризирањето со праведната борба на Украинците за одбрана на слободата и честа на татковината и нивните семејства! Но, во последните денови има луѓе, кои на албански јазик фрлија сомнеж: дали Албанците треба да ја поддржат Украина во оваа војна?“ – вели новинарот Насер Селмани во својата колумна со наслов „Војната во 2001 во Македонија, Албанците и Украина… “, која ја објавија информативниот порттал „ин7“ и други медиуми на албански јазик во Македонија.
Селмани пишува: „Првиот аргумент што го користат овие луѓе против поддршката на Украина е дека таа во војната во 2001 година и продала оружје на македонската Влада, за да ги угнетува Албанците. Вистина е дека Украина во тоа време и продаваше оружје на Македонија, но тогашната украинска влада беше продолжена рака на Русија. Поради ова, народот на Украина во 2014 година ја собори владата на Јанукович.“
„Згора на тоа, како е можно да се обвини Украина за продажба на оружје на друга земја, кога одлуката за купување оружје од Киев беше одобрена од македонската влада, во која учествуваше и албанска партија? Подобро е да барате одговорност од вашите избраници отколку да обвинувате странска влада. Авионите и хеликоптерите на Украина авиони и хеликоптери во 2001 година беа употребени против борците на ОВК предводена од Али Ахмети, кој сега е дел од Владата, која не само што ја осуди руската агресија, туку и вети оружје и воена опрема на Украина, за да ја одбие руската агресија.“
„Вториот аргумент што го користат овие албаноговорни поединци е дека Украина не ја признала независноста на Косово. Да, Украина не ја призна независноста на Косово, но точно е и дека Владата и сите политички сили на Косово ја осудија руската агресија и покажаа солидарност со народот на Украина. Штом владите на албанските држави и претставниците на албанскиот народ едногласно ја осудуваат руската агресија и ја поддржуваат праведната војна на Украина, тогаш кои се овие албаноговорни поединци, што се спротивставуваат на ова и во чие име го прават тоа?“
„Во име на Албанците секако НЕ!“
„Аргументите што ги користат таквите албаноговорни поединци, за да ја стават под сомнеж поддршката на Албанците за праведната војна на народот во Украина, се под влијание на ветриштата од Белград и Москва! Бидете мажи, излезете и кажете отворено: ‘Ние сме со Путин!’ А не да фрлате камен, па потоа да ја криете раката! Албанците никогаш нема да ви простат, поради ова што го правите!“
„SLAVA UKRAINI!“ – истакнува Селмани на крајот од својата колумна.





