По укажувањето од твитерџија и објаснувањето од капитенот Никола Ѓорѓиев, селекторот на македонската одбојкарска репрезентација Никола Матијашевиќ се извини за употребата на додавката „Северна“ и вети дека отсега ќе вика само Македонија.
„Жалам. Се плашев Твитер да не ја симне (објавата – н.з.) поради неточното име на земјата.. Отсега ќе биде само Македонија.. Никола ми објасни!!!“, твитна 66-годишниот Србин на македонската клупа.

„Селекторе, Северна Македонија е навредливо за огромното мнозинство Македонци, така што во иднина поправете се и викајте нè Македонија“, претходно реагираше твитерџијата Михајло Терзиоски за твитот на Матијашевиќ во кој изрази задоволство од победата на „Северна Македонија“ од 3:0 во неофицијалниот тест со Австрија.
Во својот дебитанстки настап на европските првенства Македонија на 12 септември ќе стартува против Финска во групата Ц во Словенија.





