Во Германија утрово почнаа протестите на земјоделците против укинувањето на субвенциите. Во тек се блокади на автопатиштата, колони од автомобили, метеж…



Според „Дојче веле“, денеска практично нема да има дел од Германија што ќе функционира нормално.

На патиштата ќе има илјадници трактори – во протестот што германските земјоделци го најавуваат како најголем во историјата.

Откако Уставниот суд и забрани на федералната влада да прави нови долгови и да внесува одредени расходи во буџетот за 2024 година, во државната каса се создаде дупка од 17 милијарди евра.

Што се однесува до земјоделските производители, субвенциите за дизел гориво се избришани, а воведена е такса за сите земјоделски возила, исто како и за патничките, во зависност од моќноста на моторот и потрошувачката на гориво.

Тешките трактори и земјоделските машини трошат големи количини дизел и имаат мотори со голема моќност.

Германските фармери сметаат дека земјоделските машини не треба да се третираат исто како приватните автомобили.

Ова е причината зошто гневните земјоделци повикаа на блокада низ целата земја.

Исплашената власт веднаш донекаде попушти, се откажа од данокот на земјоделска механизација и вети постепено враќање на субвенциите за гориво, но земјоделците не беа задоволни од ова.

Таблоидот „Билд“ објави мапа со градови и автопати чии блокади се најавуваат – списокот е долг.

Надлежните ги повикаа граѓаните во понеделник да користат железнички превоз и да се откажат од превоз со автомобили.

Работодавците им кажуваат на луѓето да работат од дома каде што е можно, а училиштата ќе го оправдаат отсуството на децата.