Заменик-директорот на Државниот завод за статистика, Иљми Селами, вели дека не е точно дека роднини нема да може да ја кажат етничката и верската припадност на лицата кои во моментот на пописот нема да бидат во државата.
Со член 8 од Законот за попис се предвидува дека за државјаните на земјава кои се на привремена работа или престој во странство ги дава полнолетно лице на кого најмногу му се познати.
Но, првиот човек на статистика, Апостол Симовски, пред неколку дена рече дека кога некое лице дава податоци за друго лице, не може да се даде одговор на прашања за коишто се бара исклучиво лично изјаснување.
„Што сакал да каже директорот не знам, најдобро знае тој. Само знам дека тоа што го кажал е грешка и тоа од две причини. Такво нешто не е предвидено ниту со Законот, ниту со методологијата. Законската одредба е општа и вели дека ќе даде податоци кои се однесуваат на лица кои се надвор. Ги вклучува сите податоци од матичен број и се друго што се однесува на пописот“,вели заменик-директорот Селами во изјава за ТВ21.






