Села: Собранието стана машинерија за изгласување закони на власта, блокадата сè пооправдана

„Претседателот на Алијансата за Албанците Зијадин Села на прес-конференција во Собранието зборуваше и за блокадата во Собранието од страна на ВМРО. Тој рече дека ова е легитимно право на секоја партија, но оти тие имаат своја агенда и дејствуваат како независни. Села рече дека ќе почекаат до 22 јуни кога ќе се одлучи дали ќе се отворат, или не, преговорите со Европската Унија. Ако не се случи тоа, тогаш тие како партија ќе го оценат својот став во Собранието.“ – објави весникот на албански јазик „Лајм“.

„Лајм“ го цитира искажувањето на Села во овој контекст: „Тоа е легитимно право на една политичка партија, но ние имаме своја политичка агенда и предложивме некои закони. Вчера на седницата на Собранието не беа ставени на дневен ред нашите предлози за игрите на среќа, туку други точки, кои беа ставени само пред два дена на дневниот ред. Блокирањето на Парламентот станува се пооправдано и поразумно, затоа што тој се претвори во машинерија на власта, гласајќи само за закони, кои нив ги интересираат. Дваесет и втори јуни е датумот кога сите чекаат да се отворат преговорите. Ако не се случи тоа, тогаш ќе видиме како ќе постапуваме. Алијансата за Албанците е независна и дејствува за своите интереси.’ – рече Зијадин Села на прес-конференцијата.“