Села: „На добар пат сме да формираме ново парламентарно мнозинство“

„Уште неколку дена не делат од вториот круг на локалните избори и од можноста за создавање ново парламентарно мнозинство. На добар пат сме да го сториме ова. “ – изјави лидерот на опозициската Алијанса на Албанците Зијадин Села за весникот на албански јазик „Лајм“ пред денешната седница на Централното претседателство на оваа партија.



Села најави оценување на резултатите од овие локални избори, кои ги постигна Алијансата на Албанците, откако ќе заврши и вториот изборен круг.

Инаку, Зијадин Села, во просториите на Собранието на Република Македонија се сретна со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, со кого разговараше за текот на изборниот процес и натамошните чекори. На средбата беше потврдена заемната поддршка во вториот круг за општините за кои имале договор за првиот круг – соопштија од Алијансата за Албанците.

„Коалицијата меѓу Алијанса за Албанците и Алтернатива е стабилна и се работи заедно на создавање ново парламентарно мнозинство во многу краток период.“ – најавија од партијата на Села.