Села и Гаши за Ахмети се подмолни и деструктивни

Недостоинствената, подмолна и деструктивна опозиција, која секој ден ги менува своите ставови и поставува услови само за Албанците, продолжува да стои на приемните шалтери во ходниците на СДСМ и на ВМРО со единствена цел да ги поткопа националните интереси и да ја избегне одговорноста за нивниот длабок пораз.



На овој начин ДУИ преку соопштение, второ со слична содржина во изминатите неколку дена, ги обвини опозциските партии на Албанците дека не работат во интерес на националните, туку на сопствените интереси.

„Албанците не заслужуваат опозиција без демократски капацитети и без политички морал да сносат одговорност пред гласачите и пред партиските тела“,
се вели во второто соопштение од ДУИ во кое бараат од овие партии да ја напуштат политичката опозициска сцена поради сите досегашни порази:
„Изгубивте на парламентарните избори 2016 година, потоа изгубивте на локалните избори од 2017 година, изгубивте и на референдумот затоа што бевте единствени Албанци кои го бојкотиравте референдумот за НАТО и ЕУ, изгубивте на претседателските избори во 2019 година, но и на локалните избори во Дебар во 2019 година, за конечно да изгубите на парламентарните избори оваа година, додека исто бевте поразени на сите избори кога бевте дел од другите партии од 2002 година“, потсетуваат од ДУИ.

Партијата на Ахмети им се обраќа на лидерите на ови партии барајќи од нив да поднесат оставка.

„Наместо да го напуштите недостоинственото стоење зад вратата и по ходниците на СДСМ и ВМРО со молби до нив, албанските барања да не се реализираат, вие одлучите да ја напуштите заедничката средба на албанските парламентарни партии… ДУИ и Ахмети ќе продолжат со напорите да постигнеме достоинствена опозиција затоа што тоа го заслужуваат опозициските гласачи и албанскиот народ, додека вие ќе бидете запаметени како Албанците кои работеа против Албанците и вечните посетители на ходниците на СДСМ и ВМРО“,
се вели во соопштението од ДУИ.

Пред два дена ДУИ преку соопштение со слична додржина , ги обвини останатите партии на Албанците во земјава дека им ги уништиле преговарачките позиции во разговорите со СДСМ.

Вчера СДСМ и ДУИ соопштија дека е постигнат е сериозен договор меѓу двете партии во преговорите за формирање влада.

Финален договор за формирање владина коалиција се очекува на денешната лидерска средба на претседателите на СДСМ и на ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети.