Врховниот суд на Финска (ККО) потврди пресуда дека секс меѓу барател на азил и 10-годишно девојче не претставува силување.
Судот го одби барањето од Обвинителството, кое се жалеше на затворската казна од само три години за 23-годишен маж, и бараше да биде осуден за силување.
Финските медиуми пишуваат дека станува збор за Јусуф Мухамед Абубин, барател на азил, но не ја откриваат земјата на неговото потекло.
Инцидентот се случил во близина на градот Тампере во есента 2016 година. Мажот имал сексуален однос со девојчето, кое во тоа време било на 10-годишна возраст, во дворот на напуштен станбен блок.
Окружниот суд во Пирканмаа и Апелациониот суд во градот Турку го осудија барателот на азил за сексуална злоупотреба и му изрекоа тригодишна затворска казна во 2017 година. Судовите не го признаа инцидентот како силување, велејќи дека девојчето не било присилено на сексуалниот чин. Судиите, исто така, му наредиле на човекот да му плати на детето 3.000 евра.
Одлуката поттикна жестоки дебати низ целата земја.
Туула Таминен, професор по детска психијатрија на Универзитетот во Тампере, инсистира на тоа дека детето, едноставно, не можело да знае што се случува во таква ситуација. Но, судиите оцениле дека Обвинителството не го потврдило своето тврдење дека жртвата не била во можност да се брани и да изрази несогласување со чинот поради страв или беспомошност.
Обвинителството поднесе жалба против двете пресуди, барајќи сторителот да биде осуден за тешко силување.




