Секој петти матурант ги пакува куферите за студии во странство

Интересот за студирање на средношколците надвор од државата е речиси дуплирано односно од 13 проценти пред пет години, сега процентот е зголемен на 21 процент, вели универзитетскиот професор Страшко Стојановски, повикувајќи се на најновите истражувања на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип.



Најатрактивни дестинации за студирање се Словенија и Бугарија.

Прашан кои се причините и зошто младите сакаат да студираат во толкав процент надвор од земјава, Стојановски посочува дека мотивацијата главно е поврзана со перспективи и со некакви економски критериуми, а тоа се повторува и од претходното истражување од минатата година.

„Македонските студенти не се толку врзани кон и за професијата, за којашто се стекнале во рамки на формалното образование, туку се многу поадаптибилни последните генерации и сакаат да работат за поголем приход“, вели Стојановски.

Праксата покажува дека добар дел од оние кои завршуваат, сакаат да работат за странски компании и не им се привлечни ниту минималната, ниту просечната плата во земјава.

„Дури и тие што се тука, добар дел би сакале да работат за странски компании. Не, компании што се странски инвестиции во Македонија, туку странски компании преку онлајн сервери, значи да работат далечински. Во ваквите компании имаат навистина прилично високи приходи. Младите повеќе не сакаат да го губат своето време.

Помина времето кога можеа да работат за минимална плата, па дури и просечната плата не е веќе цел на нив, барем од она што јас можам да го согледам“, вели Стојановски во видео интервјуто за МИА кое ќе биде објавено денеска.