Потпретседателот на Движењето Беса, Блерим Сејдиу, смета дека на претстојните избори во Македонија мора да се смени власта, мислејќи првенствено на албанскиот политички блок, но е убеден дека техничката влада на Талат Џафери не може да организира регуларни избори.
„Дали Џафери ќе организира регуларни и фер избори? Јавноста знае дека тој нема ниту волја, ниту способност, ниту желба да има демократски и фер избори во Македонија. Неговите досегашни постапки се покажаа многу јасно, а критиките на странските амбасадори уште појасно ја покажуваат нивната позиција и нивното антидемократско делување. Значи, не очекуваме дека ќе организира или ќе има правна или демократска акција и дека навистина ќе ја придвижи Македонија напред. Ги знаеме овие актери, сакаме што поскоро да ги отстраниме од политичката сцена, бидејќи навистина ќе се случат добри работи. Во Македонија мора да се случи политичка ротација, 20 години ја чекаат нашите граѓани и ова е моментот. Никогаш не сме имале подиректни пораки од меѓународните претставници за криминалот и корупцијата во Македонија, директни со име и презиме, не треба да нагаѓаме за кого зборуваат“, потенцира градоначалникот на Желино во интервју за ТВ Алсат-М.






