Сегашните деца (ако останат во земјава) ќе ги враќаат и кредитите земени за крпење на старите долгови, идните генерации ќе ги враќаат и кредитите земени за крпење на сегашните… во наредните пет години треба да собереме за да вратиме 2,5 милијарди евра за земените еврообврзници!

Врв на лицемерие е да се каже: „СДС ја задолжува државата со 600 милиони евра, затоа што краделе, а во исто време кочи општински обврзници за проекти и развој“. Па и да се дообјасни: „СДС се задолжува да покрива дупки кои немало да ги има доколку власта шест години работеше домаќински. Иако земаат стотици милиони евра кредити и трошат народни пари од буџети, шест години немаат направено ниту еден поголем проект, напротив сите проекти се застанати“. Токму ова го кажаа од ВМРО-ДПМНЕ и останаа живи.
Ако се анализира за што сме земале пари, па сега стигнува време да се враќаат, ќе стане појасно дека политичарите, од независноста на Македонија до денес, имаат големи гревови за она што се случува сега и она што ќе се случува со наредните генерации. Сегашните деца (ако останат во земјава) ќе ги враќаат и сегашните кредити, земени за крпење на старите кредити, и идните генерации ќе ги враќаат сегашни кредити. Притоа, долгот ќе биде проширен и надргаден: за првобитните кредити има камата, за тие што ги земаат за „крпење“ исто така има камата, и за наредните кои ќе ги земаат само за враќање на претходините, исто така ќе има камата…
Во светот долги години се водат полемики помеѓу разни струи економисти за тоа колку воопшто се паметни националните задолжувања по кои во последните децении толку лесно се посегнува и, ако веќе една земја се задолжува, во колкав процент тоа да биде во однос на БДП. Овие полемики стивнаа или, едноставно, станаа прехрабри во време кога светот се соочи со проблеми со грандиозни последици, како што е пандемијата и руско-украинската војна. Нациите се втурна во лавината од позајмици, а меѓународните финансиерии си ги дочекаа своите пет минути, па сега излегуваат како херои-спасители.
Некои прифатени правила, според договорот на ЕУ од Мастрихт, е јавниот долг да не биде поголем од 60 отсто од БДП. Златно правило на економистите е и каматаната стапка да биде пониска од економскиот раст, затоа што токму благодарение на економскиот раст во кој влијание има земениот кредит, треба да го сервисира враќањето на тој кредит.
Едно е јасно, годинава нема да достигнеме економски раст од 6,25 проценти, колку што е каматната стапка на новата еврообврзница. Тешко дека ќе се достигне и таков просек во наредните четири години, период по кој парите ќе стигнат за наплата. Но, она што е горчлива вистина е дека најголем дел од овие пари ќе се потрошат на веќе земената еврообврзница во 2016 година. За што па тогаш се земаа 450 милиони евра, на кои сега плаќаме и камата од 25 милиони евра?
Во 2016 година не доспеваше на наплата ниту една претходно земена еврообврзница, но стигаа сметките од прескапиот проект „Скопје 2014“, кој повеќе од јасно е дека не обезбеди економски раст со кој би требале да се враќаат земените кредити. Да, се зголеми бројот на туристите во Скопје, но тоа е далеку од цената што ја плативме и што ќе плаќаат наредните генерации, оние кои во 2027 година треба да го вратат сегашниот кредит за еврообврзницата и оние наредни кои постојано ќе отплатуват претходно земен кредит чии корени се токму во таа 2016 година.
Економистите кои деновиве „продефилираа“ по малите екрани се едногласни дека овој синџир на задолжувања Македонија нема да може да го прекине. Догодина ќе паузираме со враќање стари долгови за еврообврзници, но веќе следната 2025 година стигнуваат за наплата 500 милиони евра, 700 милиони во 2026, 600 милиони во 2027, 700 милиони евра во 2028… Или во наредните пет години треба да собереме и да вратиме 2,5 милијарди евра за земените ебврообврзници!
Владата, пак, убедува дека има план за фискална консолидација. Но, во „Стратегијата за управување со јавниот долг 2023-2027 година“ јасно пишува дека јавниот долг ќе се зголемува, дека ќе го надмине максималниот праг од 60 проценти од БДП во периодот 2023-2025 година, а враќање на ниво под 60 отсто од БДП е предвидено за 2026 и 2027 година. Така што, старите гревови не само што никогаш не застаруваат, туку добиваат нова цена!





