Владимир Путин не треба да очекува дека многу Украинци ќе ја прифатат неговата понуда да добијат руски пасош,изјави новоизбраниот претседател на Украина, Володимир Зеленски.
Изјавата доаѓа како реакција на изјавата на рускиот претседател вчера дека ја разгледува можноста за воведување на полесна процедура за стекнување руско државјанство граѓани на Украина.
„Она што посебно ја разликува Украина е фактот дека ние Украинците имаме слободен говор во нашата земја, слободни медиуми и Интернет“, пишува Зеленски на Фејсбук, објави Ројтерс.
Тој рече дека „ќе им дадеме украинско државјанство на припадниците на сите нации кои страдаат од авторитарни и корумпирани режими, а на прво место на Русите, кои денес веројатно страдаат најмногу“, додаде Зеленски.
Украинскиот парламент неделава изгласа закон со кој украинскиот јазик станува едиствено официјален во Украина, иако околу 26 проценти од населението на некогашната советска република говорат руски.
Путин вчера изјави дека народот на Украина е уморен од војната, додавајќи дека би сакал да ја знае позицијата на Зеленски за конфликтот во источна Украина, објави Ројтерс.
Рускиот претседател веќе потпиша декрет за забрзување на решавање на барањата за руско државјанство на Украинците од самопрогласените републики Донецк и Луганск.
Според Путин, неприфатливо е жителите на украинските региони Донецк и Луганск да немаат права, но додаде дека Москва не сака да создава проблеми со новото украинско раководство.





