Во последните денови Русија упорно му нуди на Киев да ги продолжи мировните преговори, изјави украинската вицепремиерка Олга Стефанишина.



„Имаше јавни и нејавни обиди на различни групи руски функционери“, рече таа во интервју за телевизискиот канал Франс-24.

„Украина никогаш не се повлече од преговорите. Но, со оглед на тежината на злосторствата што Русија ги изврши на наша територија и продолжува да ги прави …, лостовите за преговори се поинакви отколку што беа во февруари“, рече Стефанишина.

Таа смета дека Русите сега предлагаат преговори со цел запирање на напредувањето на украинските војници, откако во текот на изминатата недела, украинската армија започна контраофанзива и ослободи десетици населени места во регионот на Харков.

„Нема да учествуваме во ова сценарио – увери вицепремиерката.

Според неа, сегашната ситуација треба да се искористи за деокупација на украинските територии.

„И тогаш ќе бидеме подготвени за преговори, кои ќе се засноваат не на руски ултиматуми, туку на нешто што не само што ќе стави крај на војната, туку и ќе спречи последователна војна на наше тло кога Русија ќе ги поврати своите резерви“, вели Стефанишина.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров пред два дена исто така спомена мировните преговори.

„Ние не ги одбиваме преговорите, но оние што одбиваат треба да разберат дека колку повеќе го одложуваат овој процес, толку потешко ќе им биде да преговараат со нас“, рече тој.