Сега Данела да ѝ стегне кривична на Данела

Да кажеш дека некој е одговорен за загадувањето на Скопје и да му се заканиш со кривична пријава и со одземање на лиценцата, освен храброст потребно е да имаш и докази.

Минатата недела градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, свика вонредна прес-конференција и како многу пати досега, почна да мавта со хартивчиња, онака горда на себе и самоуверена, дека го нашла загадувачот на Скопје. Цементарницата УСЈЕ.



Расфрлајќи се со неколку членови од Кривичниот законик, Арсовска нагласи дека Цементарницата мора да плати казна за тоа што придонесува за загадувањето на градот, а тоа влијае врз здравјето на скопјани. Згора, на компанијата треба да ѝ биде одземена А-интегрираната еколошка дозвола.

Во ред е таа, како мајка на градот, да биде загрижена за нас, нејзините дечиња, граѓаните на Скопје. Но, уште на самата прес-конференција Арсовска изнесе неколку нелогичности.

Станува збор за мерењата на амбиенталниот воздух, направени од акредитирана лабораторија, при што биле присутни и инспектори од Државниот инспекторат за животна средина, како и од Инспекторатот за животна средина од Град Скопје. Па така, во дворот на цементарницата мерењата покажувале дека загадувањето со ПМ-10 честички е три пати над дозволеното или 150 микрограми на метар кубен. И тука, само по себе, не мора да има ништо спорно. Ако било така измерено, значи дека воздухот бил загаден. Но, да ги натерала Данела инспекторите да прошетаат до Рампа, Лисиче, ТЦ Бисер, мостот Близнак, Железничка станица и до уште неколку локации, мерењата ќе покажеле слични резултати.

Камо доказ дека токму Цементарница УСЈЕ е загадувачот?

За да го впериш прстот кон некого, потребни се цврсти докази. Во случајов, Данела Арсовска требаше да ги провери резултатите од мерењата од оџаците кои се поврзуваат со производствениот процес на фабриката. И токму тука градоначалничката беше демантирана – од Цементарницата, но и од Министерството за животна средина, со резултатите од вонредната контрола.

„По добивањето на резултатите од мерењето на акредитираната лабораторија, на 11.01.2023 година, се констатира дека измерените параметри од двете печки за NOx, SO2 и прашина се во рамките на максимално дозволени концентрации според А-интегрираната еколошка дозвола. Емисиите од котларницата за парно греење, која користи мазут, покажува надминување за NOx и изнесува 711,9 mg/Nm3“, се вели во соопштението од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Од ова може да се заклучи дека Данела повторно, како што тоа го стори и со приватните превозници, на прес-конференција обвинува луѓе за лични интереси и профити, најавува кривични пријави, а нема поткрепа за тоа во фактите.

Неспорно е дека се забележани зголемени емисии од оџакот на котларницата за парно греење, која користи мазут, но што докажува тоа?

Градоначалничке, па качи се на оџаците на градинките, на основните и средните училишта, на зградите на јавната администрација, на амбулантите и на сличните објекти, кои исто така користат мазут како гориво – и таму ќе измериш загадување. За некои од овие објекти и ти си одговорна, бидејќи се во твоја надлежност, односно во надлежност под Град Скопје, а директорите ти ги имаш поставено!

Целата колумна на Војислав Мојсовски за Плусинфо на следниот линк:

https://plusinfo.mk/sega-danela-e-stegne-krivichna-na-danela/