Седуммина загинати во најсилниот руски ракетен напад на Лавов досега

Најмалку седум луѓе загинаа, меѓу кои и дете, во веројатно најжестоките руски напади на западот на Украина од почетокот на инвазијата.



Мета на четири ракетни напади бил Лавов, град близу границата со Полска. Како што објавија украинските власти, ракетите биле истрелани од правец на Каспиското eзеро, чија цел била воена инфраструктура, но и еден цивилен објект. Украинскиот претседател Зеленски изјави дека земјата сега е во исчекување на голема руска офанзива на истокот.

-Сакаат буквално да го завршат и уништат Донбас. Да уништат се што некогаш му даваше слава на овој индустриски регион. Исто како што руските војници го уништуваат Мариупол, тие сакаат да ги збришат другите градови и другите заедници во Донецката и Луганската област , изјави Володомир Зеленски, претседател на Украина

На терен, и натаму најжестока е битката за Мариупол, каде руските трупи соопштија дека навлегуваа во последното украинско упориште во градот, челичарницата Азовстал. Москва соопшти дека покренала масовни удари и уништила 16 украински воени објекти во неколку региони.

-Руските системи за противвоздушна одбрана соборија три украински борбени авиони во воздух -два ловци МиГ-29 во областа на Изjум и еден Су-25 во областа Авдиивка. Исто така, соборени во воздух се 11 украински беспилотни летала, изјави Игор Коношенков, портпарол на руското министерство за одбрана.