Најдобриот португалски фудбалер на сите времиња Кристијано Роналдо дочека големо мнозинство од неговите сонародници да не го сакаат во почетниот состав на задутрешниот натпревар со Швајцарија од осминафиналето на Светското првенство во Катар.
Дури 70 проценти од учесниците во анкетата на португалскиот спортски дневен лист „А Бола“ се изјасниле против 37-годишниот напаѓач, кој на овој мундијал постигна само еден гол, и тој од пенал во победата над Гана од 3:2, а не подели ниту една асистенција до соиграчите.
На португалскиот селектор Фернандо Сантош не му недостигаат алтернативи во нападот ако реши Роналдо да остане на клупата, при што би можеле да го заменат Леао, Андре Силва или Гонсало Рамос.
Од друга страна, Кристијано има огромно искуство како прв Португалец што бил стрелец на пет мундијали, а на 194 меча во националниот дрес постигна 118 гола.






