Победникот на овогодинешното доделување на најпрестижната награда на американската филмска Академија „Оскар“ е научнофантастичниот „Се секаде одеднаш“, кој освои 7 статуетки од 11-те за кои беше номиниран.
„Нема добар филм без тим, оваа награда е ваша“, изјави Даниел Кван по добивањето на статуетката од Харисон Форд.
Филмот ги освои признанијата во категориите најдобар филм, режија и оригинално сценарио (Даниел Кван и Даниел Шајнерт), најдобра актерка (Мишел Јео) и споредна женска улога (Џејми Ли Кертис), споредна машка улога (Ке Хуи Кван) и најдобра монтажа (Пол Роџерс).
60-годишната актерка од Малезија, Мишел Јео воедно е и прва актерка со азиско потекло која добила Оскар за најдобра женска улога. „И` благодарам на Академијата, овде се случи нешто историско. Ова е доказ дека можете да сонувате големи нешта и дека соништата навистина се остваруваат “, изјави таа.
Во силна конкуренција „Оскар“ за најдобар актер доби, Брендан Фрејзер за главна улога во филмот „Кит“.
Тој се заблагодари на тимот што направи толку храбар филм. „Господа, имате огромни срца како китови и мене ми е чест што сум во вашата категорија“, им се обрати актерот на останатите номинирани. Фрејзер сподели дека со овој бизнис почнал одамна, но работите не му оделе баш најдобро на почетокот.
“Морав да нурнам во длабочините на океанот за да се вратам на сонцето“, сподели возбудениот актер.
Филмот „На Запад ништо ново“ доби четири Оскари, меѓу кои и за најдобар странски филм и повеќе од било кој германски филм во историјата.
Воениот спектакл, работен според познатиот роман на Ерих Мариа Ремарк, во режија на Едвард Бергер, награден е како најдобар филм надвор од англиското јазично подрачје, а се закити со најпрестижното признание и за фотографија, сценографија и филмска музика.
„Пинокио“ на Гилермо дел Торо е најдобар долгометражен анимиран филм, а „Навални“ најдобар документарец.







