Седум години слушаме најави за развојни буџети, Албанија ја надминa Македонија, вели екс-министерот за финансии Миноски

Само слушаме, но никако да промениме нешто за развој на нашата земја. Веќе седум години слушаме најави за развојни буџети, на почетокот на мандатот се ветуваа стапки на раст повисоки од 5%, за да просечната стапка на раст на БДП се сведе на повеќе од скромни 1,62 %, во услови на речиси дуплиран јавен долг и потрошени повеќе од 20 милијарди евра, нашиот развој се сведе на тоа да Република Албанија ја надмине Македонија по стапката на БДП по глава на жител, а ние да немаме изградено речиси ниту еден капитален проект, а животниот стандард и нивото на реалните плати да паѓаат, вели за „Локално“, екс-министерот за финансии, Кирил Миноски, коментирајќи го предлог-буџетот за 2024 година кој Владата го усвои и треба да го испрати на разгледување во Собранието, каде пратениците треба да го гласаат.



Како што истакнува Миноски, само во последните 4 години буџетскиот дефицит изнесувал 2,7 милијарди евра. Смета дека поучени од ова искуство и имајќи во предвид дека влегуваме во изборна година, тешко дека ќе имаме некаков посериозен развој.

  • Во континуитет се носат популистички мерки со кои што се делува инфлаторно, преку зголемување на платите во јавниот сектор и преку носење на закони со кои што се зголемуваа пензиите на одредени целни групи. На тој начин се продлабочува дефицитот во буџетот, а очигледно според информациите на релевантните меѓународните финансиски институции способноста на даночните власти за прибирање на даноците е намалена, додека сивата економија се зголемува и се проценува на 38% од БДП, посочува Миноски.

Според него, сето тоа резултира со зголемување на цените , а цехот на крајот го плаќаат граѓаните. Токму неусогласеноста на фискалната политика, додава Миноски, со монетарната во насока на намалување на инфлацијата е критикувано и од меѓународните финансиски институции.

  • Во изминатиот период имавме редовна пракса да проекциите за инфлацијата бидат пониски од она што подоцна беше годишна стапка на инфлација. Така на пример оваа година стапката инфлација изнесува 8,9 %, а претходната година изнесуваше 14,2%. Стапката на инфлација е највисока во регионот и значително повисока од онаа во еврозоната. Дали повторно ќе имаме погрешни проекции останува да видиме, оценува поранешниот министер за финансии од редовите на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ.

Околу различните проценки на министерот за финансии, ММФ и Светска банка за стапката на раст, Миноски тврди дека за да се даде прецизен одговор на разликите во проекциите на растот на БДП треба да се имаат во предвид методологиите според кои што се изработени проекциите. Повеќе на Локално.мк.