Се вжештуваат македонско – албанските коалиции пред локалните избори

Уште не се почнати пазарењата меѓу македонскиот и албанскиот блок за локалните избори но веќе расте тензијата во пресрет на договорите пред локалните избори закажани за крајот на октомври.



„Претседателите на трите општини Албон Џемаили на Боговиње, во Тетовско, Исен Шабани на Врапчиште, во Гостиварско, и Арбен Таравари на Гостивар, кој е едновремено и секретар на оваа партија, ќе бидат повторно кандидати на Алијансата за Албанците за избор на истите функции на локалните избори во октомври годинава.

Ова е одлука на Зијадин Села, претседателот на оваа партија, на средбата со претседателите на партиските ограноци, дознава “ТОП 24“.

„Од другите партии уште само ДПА и нејзиниот лидер Мендух Тачи го имаат официјално прогласено Сади Беџети како кандидат на оваа партија за градоначалник на Тетово.“ – пишува денеска ИНА.

Беџети веќе бил во еден мандат градоначалник на Тетово.

Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ Александар Николовски во февруари годинава изјави дека е можна коалиција со Алијанса и Алтернатива за локалните избори, бидејќи се тие партии позиционирани „десно од центарот“.

Арбен Таравари во името на Алијансата уште во октомври лани укажа: „Ако ДУИ повторно коалицира со СДСМ, ние ќе коалицираме со ВМРО-ДПМНЕ и обратно, ако ДУИ коалицира со ВМРО-ДПМНЕ, тогаш ние ќе коалицираме со СДСМ“. Генерално, партиите во албанскиот блок се отворени за соработка и со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев во април годинава истакна дека неговата партија „еден месец пред локалните избори, во септември, ќе одлучи за евентуалните коалицирања, кога ќе се изберат и кандидатите за градоначалници и советници“.

Извори од повеќе партии признаваат дека во пресрет на финалето на предизборието во тек се интензивни комуникации меѓу сите поголеми партиски фактори кои се позиционираат пред изборната пресметка на локалните избори.

Во игра се сите можни коалиции кои не мора да опстанат и до предвремените парламентарни избори кои се навестуваат за идната година напролет.

Последна вест

Протест и блокада на пат

Им дошло преку глава: Им ја сечат шумата, им го уништуваат патот, полицијата не наоѓа крадци (ФОТО+ВИДЕО)