Претседателот Стево Пендаровски предупредува дека ако Македонија не организира „европски“ избори, не може да се надева на одржување на првата меѓувладина конференција, што практично треба да го означи стартот на преговорите за членство со ЕУ.
“Ако сега направиме избори кои се под нивото на претседателските и локалните, за каква кредибилна потенцијална европска демократија ќе станува збор, ако не можеме ни есенцијалниот прв чин од демократијата да го изведеме како што треба”, рече Пендаровски во интервју за Телевизија 24.
Со овој став шефот на државата оди контра ставовите на Заев кој инсистира да се оди на избори по секоја цена и се приближува до ставот на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски кој пред два дена изјави дека изборите мора да бидат кредибилни од секој аспект и дека не сака да ја води владата ако поради тоа имаме нови мртви и заболени од Ковид19.
Пендаровски во интервјуто вели дека поради корона кризата повеќето процеси во ЕУ се одложени, што му било посочено и од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, според кого, се се одложува и мора да се причека на отворање на границите во Европа.
“Битно е да почне таа флуктуација, инаку поинаку не може се да се решава преку компјутер. Со се пандемијата, за која не знаеме како ќе се развива и веројатно нема да биде полошо од денес, до крајот на годината би требало да се одржи првата конференција”, изјави Пендаровски.






