Сè уште сме далеку од решение за името, порачаа од грчката Влада

И покрај постигнатиот напредок во разговорите за прашањето за разликата за името на Македонија, двете соседни земји сè уште се далеку од решение на речиси тридеценискиот спор, соопштија од Владата на Грција.



„Во преговорите со нашите соседи, кои продолжуваат, постигнат е значителен напредок, но сè уште сме далеку од завршувањето на преговорите и од постигнувањето договор“, изјави владиниот портпарол Димитрис Ѕанакопулос на денешната прес-конференција.

За најавената средба на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас в четврток во Софија на маргините на самитот „Европска унија – Западен Балкан“ тој рече дека ќе биде „многу корисна и важна“, но и оти претставници на двете земји можеби ќе мораат да се состанат и во нова рунда од разговорите за да се реши проблемот.

Гласноговорникот на грчката Влада напомна дека каков и да е договор што би се постигнал ќе биде сеопфатен и оти во главни црти ќе содржи одредени цели и временска рамка за остварување на тие цели.

„Тоа нема да биде решение што ќе се постигне со притискање копче“, нагласи Ѕанакопулос, повторувајќи го ставот на Грција за комбинирано име што би се користело на меѓународни форуми.