Министерот за одбрана на Грција Панос Каменос, лидер на коалицискиот партнер во грчката влада Независни Грци, не отстапува од позицијата против име за нашата земја во кое би бил вклучен терминот Македонија.
Цврстиот став на партијата го повтори портпаролката на Независни Грци, Мадалена Пападопулу во интервју за грчкото радио „Реал фм“.
– Не можеме да прифатиме име што ќе го вклучува терминот Македонија или изведени зборови. Државата на Скопје ќе треба да прифати еден комплетен договор, односно промена на Уставот, промена во личните карти, едно име за сите. Во секој случај, ние, Независни Грци не можеме да отстапиме од основните прашања и нашите цврсти позиции. За нас, јадрото на иредентизмот на соседната држава, се наоѓа во името, вели Пападопулу.
За сценариото евентуалниот договор со Македонија во грчкиот парламент да биде изгласан со зголемено мнозинство од 180 пратеници, портпаролката на Независни Грци вели дека тие нема да отстапат од нивната позиција и велат „не“ за употреба на терминот Македонија или изведените зборови.





