Предлог иницијативата за потребата од измени на Уставот со насоки за изменување и дополнување на Уставот на Македонија што го изготви Работната група ќе се достави до Владата која ќе треба да ја проследи иницијативата до Собранието каде ќе ги помине сите работни тела.
„Она што е најважно е дека се согласивме со она што е предлог за пристапување кон измена на Уставот на РСМ со одредени насоки, изменувања и дополнувања таму каде што треба. Промените се во делот на Преамбулата со тоа што се додаваат неколку народи.
После бошњачкиот народ се додаваат зборовите: бугарски народ, хрватски народ, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ“ изјави по состанокот претседателката на работната група, Маргарита Цаца Николовска.
Сега да посакаме успешна работа и на Собранието, да ги прифатат овие предлог измени за да може понатаму државата успешно да ја тера постапката во остварување на заедничката стратешка цел – влез во Европа – изјави Цаца Николовска.







