Се премисли ли Заев – Ќе ја бранел Македонија од Мицкоски и Апасиев?!

Лидерот на СДСМ и мремиер во оставка Зоран Заев осум дена откако објави дека повеќе нема да извршува државни и партиски функции, се огласи и порача дека граѓаните нема да дозволат државата да ја водат, како што вели тој, Христијан Мицкоски, Димитар Апасиев и Никола Груевски.



Заев не кажува јасно дека се предомислил и дека ќе остане премиер, но профилот од каде што ја упати пораката и тонот на пораката навестуваат дека тој ќе се обиде да остане во власта.

„За пуста желба за власт биле спремни државата да ја носат низбрдо, а народот да страда.

Овие денови сведочиме загрозување на Договорот од Преспа, на Договорот за добрососедство со Бугарија, на Охридскиот рамковен договор, на заедничкото едно и еднакво општество, на мирот на граѓаните внатре и на добрите односи со соседите.

Но, има оваа држава свој народ, и граѓани, и демократи, и борци, и политичари и партии кои нема да дозволат Мицкоски, Апасиев и Груевски да ја заробат и упропастат државата одново.

Нашата кауза е и граѓанска и државничка.

Знам дека позади таа кауза како бедем гордо стојат мнозинство од нашите граѓани и мнозинство од нашите пратеници.

Демократијата, слободата, солидарноста и заедништвото се нашите вредности“, објави Заев.