Полицијата во Охрид вчера попладнето го привела 23-годишниот битолчанец Б.А., кој е вториот осомничен напаѓач врз Кристијан Пендиков од Охрид.



Портпаролот на СВР – Охрид, Стефан Димоски, потврди дека вчера во 17 часот полициски службенци го лишиле од слобода Б.А., лице барано со централна потерница поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“ по член 131 од Кривичниот законик.

Според Димоски, Б.А. е задржан во полициска станица и ќе биде предаден на надлежното ОЈО.

„На 21 февруари во 17 часот, полициски службеници од СВР Охрид го лишиле од слобода Б. А. (23) од Битола. Тој бил баран по централна потерница поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело тешка телесна повреда по член 131 од Кривичниот законик. Тој бил задржан во полициска станица и ќе биде предаден на надлежното ОЈО“, велат од МВР за „Макфакс“.

За апсењето најпрвин извести бугарската фондација „Македонија“. Тие објавија и слика од приведениот битолчанец, објави Независен.

„Вториот напаѓач на Христијан доцна синоќа се предал во полиција во Охрид. Тоа е  битолчанецот Борче Ангелов. Нему му се заканува задолжително притворање доколку судот во Охрид не одлучи да го ослободи како што утврди за првиот напаѓач Илија Спасески. Има и трет напаѓач, не знаеме кој е и не знаеме дали полицијата во Охрид трага по него“, напишаа на „Фејсбук“ од фондацијата „Македонија“.

Постапка за нападот на Пендиков досега се водеше против едно лице.