Пишува: Свето Тоевски
Се дрзна и Олта Ѓачка, албанската министерка за надворешни работи да „смета дека треба да се направат измени“ во Уставот на Македонија, „за да се отвори патот за процесот на евроинтеграците, кој има нова динамика во контекстот на ставот на ЕУ за проширувањето.“ Ѓачка и силно „охрабрува“, велејќи: „Стоиме со вас рамо до рамо“.А ма и „таинствено“ предупредува: „Тој што ќе остане поназад ќе назадува и тоа ќе биде неповолност за граѓаните“…
Кој ја повика и неа, кој и дозволи да се меша во внатрешните работи на суверената македонска држава, па уште и да бара промена на нејзиниот Устав?! „Македонскиот премиер“ Димитар Ковачевски, или вистинскиот шеф на „македонската Влада“ Али Ахмети?! Арно ама, треба да и се укаже на Ѓачка дека Ахмети не им е шеф на Македонците, ниту е газда на Македонија!
На кој јазик министерката Ѓачка зборуваше со Бујар Османи за ова што го бара, дали на македонски јазик, или на албански и за чии интереси тоа го бара?! Тоа нема никаква врска со автентичните македонски државно-национални интереси. Тоа има директна врска со обединетите албански интереси, кои целат кон создавањето и на третата албанска држава на Балканот, напоредно со втората бугарска држава, се од деловите на македонската територија!
Секој оној што би стоел „рамо до рамо“ со македонскиот народ, би требал да знае дека тој не дозволува никому да да се менува Уставот. „Стоење рамо до рамо“ ќе претставува само јасно почитување на оваа негова изрично искажана политичка волја! Но, каква тоа „неповолност за граѓаните“ ќе се случи, ако останат Македонците „поназад“, оневозможувајќи кој било да гибне во Уставот?
Нека ги вметнат Ѓачка и нејзината Влада Македонците во албанскиот Устав барем на ист начин како и Албанците, со израз во проценти, да имаат и Македонците барем делумно исти уставно-политички права и позиција, но и национална застапеност во државата Албанија како и Албанците во Македонија.
Македонците во Албанија, сведени само на една општина, иако живеат низ цела Албанија, преку своето Македонско друштво „Илинден“ од Тирана доставија барање до претседателката на албанскиот парламент Линдита Никола да се формираат две општини Голо Брдо и Гора, не пројавувајќи стремеж да ја распаднат државата Албанија.
Претседателот на друштвото Никола Ѓурѓај во образложението на барањето нагласува: „По територијалната поделба во Албанија, што се случи во 2014 година, областите Голо Брдо и Гора со македонско население останаа неразвиени. Македонците не се застапени во локалната власт. Во 2014 година владата ги укина општините Требиште, Острени и Стеблево, во областа Голо Брдо и ги припои, првите две во општина Булќиза, а општина Стеблево во општина Либражд. Општините Шиштавец и Запот во областа Гора по укинувањето се припоени кон општина Кукс“.
Што се случува во Македонија? Со територијалната општина во 2004 година се создадоа на вештачки начин општини со мнозинско албанско население и „албански територијален континуитет“ на територијата на унитарната македонска држава, кој го „нарушувале“ „македонските енклави“. Токму ова беше порачано кон крајот на годинашниов февруари од редовите на владејачката Алијанса за Албанците. Затоа сега се бараат промени во Уставот да се обезбеди во целост тој „албански територијален континуитет“, односно да се формира „Албанска заедница на општини“, што ќе значи директен распад на Македонија како држава, а во нејзиниот „санстефанизиран дел“ и целосна бугаризација на се што е македонско.
Албанецот-министер за надворешни работи Бујар Османи, кој денес фино си се искоординирал натаму со Албанката-Олта Ѓачка како да ја разнебитат Македонија преку уставните измени, уште и се заканува „никој да не се осмелил да ја стави државата во изолација во моментот кога ќе треба да се гласа за уставните измени“!
Македонците не смеат да се изолираат од самите себеси како народ, од својот идентитет и јазик, тие не смеат да се изолираат од своите претци и своето минато и историја, ниту пак од своите потомци и својата иднина! Македонците имаат право и должност да ги изолираат ваквите како Бујар Османи и Артан Груби најдалеку можно од Уставот на Македонија, да немаат апсолутно никаква шанса како „бугарски адвокати“ да гибнат било што во него!
Проблемот не е тоа што и Олта Ѓачка бара однадвор промена на Уставот на Македонија, туку е проблемот што одвнатре Али Ахмети и ДУИ испланираа не само внесување на бугарската и албанската државотворна агенда во овој највисок правно-политички акт, туку сега веќе и многу пошироко сценарио. Министерот за правда Кренар Лога сега веќе не споменува „промени на Уставот“, туку поширок „пакет на промени на уставот“.
Артан Груби отворено најави вчера: „Од денеска зпочнуваме со напорите на обезбедување на парламентарното мнозинство како што тоа го направивме тоа и во претходниот случај со Преспанскиот договор!“ Како се постигна Преспанскиот договор?! Со насилство, со газење на резултатите од референдумот од 2018 година против Преспанскиот договор, против бришењето на името Македонија! Заборавија ли Груби и неговата партиска дружина како одреагира македонскиот народ тогаш?! Има ли предвид Груби дека денес повеќе од 80 отсто од Македонците се против новата поделба и бугаризацијата на Македонија со уставните промени, каква може да биде македонската реакција денес?!
Во својата научна статија „Да се има чувство за насилството“ професорите по антропологија Ненси Шепер-Хјуџ од Универзитетот Беркли од Калифорнија и Филип Буржуа од државниот Универзитет во Пенсилванија, во САД, предупредуваат: Насилството раѓа насилство… Репресивните политички режими почиваат врз терор/страв/тортура…“
„Противнасилството е самоодбрана.“ – укажува Роберт Бернаскони, професор по филозофија во државниот Универзитет во Пенсилванија во својот научен труд со наслов “Општествата ја одбираат нивната смрт: Феноменологија на системското насилство“. Бернаскони додава дека „насилството го предизвикува противнасилството“: „Оправдувањето на насилството секогаш се организира околу прашањето кој го започнал. Тоа важи и за нациите…Противнасилството е самоодбрана и затоа се смета како природно оправдано. Никој не го признава никогаш вршењето на насилството, кое му претходи на противнасилството, туку го предизвикува.“
Оваа Влада врши отворено насилство врз македонскиот народ и вазалски служејќи му на меѓународниот чинител ја подготвува завршната фаза од растурањето на државата согласно со „Бугарскиот“ и “Преспанскиот договор“.
ДУИ оформи „Фронт за Европа“, кој, имајќи ја целта на неговото дејствување, ќе претставува „Албанско-бугарски фронт против Македонија“, без никаква врска со ЕУ, оти сите знаат дека „европската перспектива на нашата земја“ е најтешка можна измама, бидејќи ниедна водечка ЕУ-членка, ниту самата ЕУ, не сакаат повеќе проширување, а најмалку со висококорумпираната „северна“.
Денеска повеќе од 600 илјади Израелци се кренаа на нога против правосудната реформа, која ја „турка“ Владата на премиерот Бенијамин Нетанјаху. Денес и цела Германија е парализирана, блокирана поради револтот на Германците, кои бараат поголеми плати. Милиони Французи ја покренаа повторно „француската револуција“ против претседателот Макрон и неговата пензиска реформа.
ВМРО ДПМНЕ деновиве го прокламираше својот слоганот на своето дејствување „Заедно со народот“. ВМРО ДПМНЕ не смее повеќе ни миг да чека, туку мора и таа како партија да ја покрене „македонската револуција“, „македонската политичка пролет“ против менувањето на Уставот и за уривање на Владата, сега веднаш, без одложување! Обрнете на тоа што ви порачуваат од општествените мрежи, низ медиумите, во секојдневната комуникација – народот, аналитичарите, експертите, различните вонпарламентарни партии: народот бара заштита на своите животи и на својата иднина, заштита на своето национално достоинство и чест, се додека ќе биде оваа Влада на кормилото на државата, се дотогаш ќе виси огромната опасност врз Македонија да се распадне!
ВМРО ДПМНЕ со своите 44 пратеници има легимитет, легалитет и национална должност да го покрене македонскиот народ и да ја урне веднаш Владата заедно со сите нејзини монструозни планови дека било најважно сега да го менува Уставот: сега кога е „помалку важно“, што народот нема леб да јаде и кога во болниците, кои се распаѓаат, трагично умираат деца, млади, старци и трудници без лекови и докторска грижа кога економијата тоне, а државата се води во банкрот, додека „северните политичари“ трупаат невидени богатства, крадејќи и играјќи фудбал во своите канцеларии, направени со народните пари!





