Денеска започнува дводневната средба на Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања, формиран согласно обврските од Договорот од Преспа,
Во фокусот на разговорите кои се практично први суштински, се очекува да се почне со учебниците по историја и географија за основно образование, изјави за МИА амбасадорот Виктор Габер кој го предводи македонскиот тим..
„ Даваме предност на разгледување на наведените карти и симболи во овие учебници што кај младите формираат мислење, а со тоа сакаме тие да имаат прифатлива реалност за соседот.
(…) Значи не станува збор за бришење нешто, туку за адаптирање што ќе биде во интерес на зближување на двата народа, двете држави“, вели Габер кој го предводи тимот во кој се професорите Далибор Јовановски, Никос Чаусидис, Људмил Спасов, Ана Чупеска-Станишковска, Фахри Рамадани и Кица Колбе..
Грчката делегација што учествува во комитетот ја предводи
заменикот министер за надворешни работи на Грција, Маркос Боларис во чиј состав се професорите Спиридон Сфетас, Николаос Заикос, Иаковос Михаилидис, Атина Скуларики, Атанасиос Лубас и советникот од грчкото МНР, Ефтимиос Харлавтис.
На првата средба во Солун грчката страна ги претстави своите барања меѓу кои и оние наставниците и професорите да избегнуваат материјали што содржат иредентизам и ревизионизам, од учебниците да се исфрлат антички грчки симболи и да се отстранат картите на голема Македонија.





