Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и претседателот Стево Пендаровски како да влегоа во конфронтација околу евентуалното продолжување на рокот за промена на личните документи со новото уставно име. Веќе во јавноста се шпекулира за овие две имиња, меѓу кои ќе се бира кандидат за претседател на Македонија на следните избори, па по нивните спротивставени ставови може да се оцени дека има нота на ривалство.
Откако претседателот Пендаровски рече дека Владата може да направи да се продолжи рокот, Спасовски му порача “Сега е време на избори но не треба да бидеме под наплив на емоции”, укажувајќи му со тоа дека неговите изјави всушност не можат да помогнат околу промена на рокот, бидејќи се работи за одредено законско решение. Дали Спасовски со ова мисли дека Пендаровски само сакал да добие политички поени со оваа изјава, останува нејасно.
– Сега е време на избори и секој цени дека треба да даде соодветни изјави. Јас не би навлегувал во никакви конфронтации. Роковите не се утврдуваат на Влада, туку со закон. Самиот факт што го изнесе и претседателот, дека има потреба да се промени Законот за лични карти за да се продолжи рокот, апсолутно не е така, бидејќи Законот не бил воопшто никогаш сменет за да може да се продолжува рокот. Мислам дека не треба да бидеме под наплив на некакви емоции во овој момент кои ќе придонесат да се креира дополнителен проблем, рече вечерва министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, коментирајќи ја изјавата на шефот на државата Стево Пендаровски на телевизија 21.
Спасовски објасни дека Владата не донела одлука затоа што законот за личните карти не е променет и вели дека тие ќе продолжат да важат и по 12 февруари.
Тој сепак не одговори конкретно за тоа дали се гледа како шеф на државата или пак како лидер на неговата партија СДСМ.





