Се кршат правата на Македонците во Бугарија, нотира Стејт департментот

„Бугарија да ги спроведува своите закони еднакво за сите етнички групи во земјата, меѓу кои и македонската и да изнајде решение на отворените прашања со с. Македонија, бидејќи блокадата на пристапувањето на соседот во ЕУ ризикува дестабилизација во регионот“, изјавиле денеска од американскиот Стејт департмент по најновиот извештај за состојбата на човековите права во соседната земја за МИА.



„Ја охрабруваме Бугарија да ги спроведува своите закони еднакво за сите етнички групи и да се придржува до своите меѓународни обврски за човекови права, како правото на слободно собирање“, изјавило високо официјално лице на Стејт департментот.

Во извештајот се нотира кршење на правата на Македонците во Бугарија. Властите во Бугарија, како што се наведува, продолжуваат да ја одбиваат регистрацијата на активистичките групи на етничките Македонци како што се Организацијата „Илинден“, Здружението на прогонувани Македонци, жртвите на комунистичкиот терор и Македонскиот етнички клуб за толеранција во Бугарија.