Археолозите и историчарите на уметноста од Универзитет „Св. Кирил и Методиј“,
Филозофски факултет – Скопје бараат министерката Царовска веднаш да запре со нејасниот и спорен Концепт за реформи на образованието во кој ќе настрада историјата како посебен предмет.
Институтот за историја на уметноста и археологија дава целосна поддршка на колегите од Институтот за историја кој прв реагираше на планот на Царовска.
Во продолжение интегралната реакција
СООПШТЕНИЕ
Институтот за историја на уметноста и археологија внимателно ја следи дискусијата во врска со новиот Концепт за основно образование, а во недостаток на јасни и подетални информации – и кусите извадоци што излегуваат во медиумите.
Врз основа на сѐ што можеше да се види досега, Институтот цени дека Концептот не само што е донесен на нејасен и крајно нетранспарентен начин, туку многу од неговите аспекти се недоволно или пак целосно лошо обмислени.
Предметот Историја во основното образование е мошне важен како за учениците, така и за нас. Овој предмет е прв контакт на учениците со минатото, врз основа на кој ќе решат дали ќе студираат историја или археологија. Предметите, пак, од полето на уметностите се нивен прв контакт со естетиката и уметноста воопшто, по што некои решаваат да го изучуваат нејзиниот развој.
Затоа е многу важно тие да добијат чиста и јасна слика за минатото, а не, како што е предложено, „да го толкуваат низ призмата на граѓанското општество“. Материјалните наоди, староисточните цивилизации и средновековната сакрална уметност не може да се толкуваат низ никаква призма, освен онаа на историјата и, подоцна, на археологијата и историјата на уметностa.
Имајќи го предвид ова, како и фактот дека ниту еден член од Институтот ниту беше известен, ниту пак консултиран за каква било активност во врска со Концептот, Институтот за Историја на уметноста и археологија целосно и недвосмислено го поддржува барањето на колегите од Институтот за историја.
Бараме од надлежното министерство и Владата да запрат сите активности во врска со овој спорен Концепт, а Институтот за Историја на уметностa и археологија да биде задолжително консултиран при правењето на секоја идна реформа.
Вработените на Институтот за Историја на уметноста и археологија,
Филозофски факултет – Скопје






