Се јави авторот на култната сцена од „Трето полувреме“: „Море сокол пие“

Со коментар и наслов на текст во негов стил се јави авторот и режисер на филмот „Трето полувреме“, Дарко Митревски.



Тој истовремено е автор и на сцената со фудбалерите од „Трето полувреме“ на кои тренерот им вели: „Македонија е свето име“, но и слоганот „Никогаш Северна, само Македонија“:

„ЕУ? АЛО, ЕУ? ЕУ МА?!

На времето, во Народниот театар во Куманово си работеше еден локален актер со звучен прекар Шипе. Фин и кроток човек.

Арно ама, во тоа време во истиот театар почна да работи и тогаш младиот актер Сашко Коцев, добродушен мајтапчија и тежок заебант.

И еден ден, додека седеле на проба подготвувајќи некаква претстава, Сашко на Шипе му прави дубара: искача до веце и оттаму му се јавува на Шипе од некој свој втор мобилен, чијшто број Шипе не го препознава – и со преправен глас му се претставува како Иво од ‘Вардар филм’, продуцент, со понуда за филмска улога.

По овој разговор Шипе се враќа назад на проба, ама видно изменет: немарно го џитка театарскиот текст на маса, го здомрзува да глуми, со отсутен поглед ги гледа колегите и режисерот… Тој себеси веќе се гледа на големото филмско платно. Холивуде, еве ме! Збогум, жохари!

Сите присутни, упатени во зафрканцијата, си се изнасмеале – ама ништо не му рекле.

Но, поминале недела-две и Шипе свртел на истиот број.

Овојпат Сашко бил тој што не го препознал повикот. Се разбудил мамурен и без да го менува гласот, со тешка мака промрморел „Ало?“.

Од другата страна Шипе се држи за сламка: „Ало, Иво? Иво, Шипе овде… За онаа улогата, нели ќе се јавевте?“

Сашко, на кого по цела претходна ноќ тулумарење дента ич не му било до смеење, уште нерасонет му признал: „Шипе, Сашко е. Мој е бројов. Јадачка беше“.

На што од другата страна крикнал очаен човек: „С-Сашко?“… И веднаш потоа: „Иво? Ало, Иво? Иво, бе?!“.

****

На оваа приказна ми текна кога си помислив како ли се чувствуваат сите оние ѓоа мудри глави што парадираа со „ЗА“ прилепено на нивните профилни слики и ревери, кои нѐ убедуваа дека од историја и име не се живее, кои ги етикетираа сите неистомисленици како небањати сељаци, пропагирајќи го виткањето кичма како врвна кама-сутра поза што нуди безгранична сексуална сатисфакција…

И откако таа ЕУфорија помина, настапи отрезнувачко будење од убавиот сон: никаде им ја нема Меркел, никаде им ја нема Могерини, никаде им го нема Столтенберг, никаде им ги нема овие што ги тапкаа по рамо ко мали деца и им викаа ‘Блескате, блескате, само напред кон амбисот!’.

Наместо нив, го гледаат грдиот лик на Красимир Каракачанов како им се кљафти во фаца.

Наместо Иво од ‘Вардар филм’ – мамурен Сашко!

И ми доаѓа да прснам од смеење кога ги слушам како запомагаат по непостоечката лажна слика, својата мила и непрежалена ЕУ фатаморгана:

‘ЕУ? Ало, ЕУ? ЕУ ма?!’“

Дарко Митревски

Извор: off.net.mk