Нивото на реката Брегалница се зголеми во текот на ноќта, поради што се излеа од коритото.



Таа, според видеото на МИА, ги поплави клупите во близина на реката, а жителите на овој град велат дека во изминатите десетици години ова е втор пат реката толку многу да надојде.

Нивоата на реките во земјава во најголем дел се движат над просекот за месец декември или во рамки на просекот.

Нивото на реката Вардар е повисоко од декемврискиот просек на сите четири мерни места, а големо покачување над просекот бележи реката Треска на мерно место кај Македонски Брод, каде се измерени 116 сантиметри, а декемврискиот просек изнесува 40 сантиметри.

Двојно повиско ниво од просечното за овој период од годинава има и кај реката Брегалница на мерно место Штип каде се измерени 191 сантиметар. Трипати поголемо ниво од просекот е регистрирано и кај реката Струмица.

Повисок водостој од декемврискиот е измерен на Дојранското Езеро, понисок кај Преспанското, а Охридското Езеро е во рамки на просекот за декември.