„Се гледаме пак Македонци!“: Котецу само што се врати во Јапонија, а Македонија веќе му недостига

Под импресии од топлиот пречек во Македонија, каде што остави силен печат со емотивниот настап на Меѓународниот фестивал на камерна музика „Интерфест“ во Битола, посебно со изведбата на македонски народни песни, јапонскиот оперски пејач Казухиро Котецу веднаш по враќањето во Јапонија најави нова посета.



„Се гледаме пак Македонци!“, порача на социјалните мрежи басот и претседател на Токиската опера од пред споменикот на Александар Македонски на плоштадот „Македонија“ во Скопје.

Котецу имаше незаборавно враќање по 6,5 години во Македонија и за него, и за публиката што имаше можност да го слуша и да го гледа на сцената во Битола. Особено кога верно го „симна“ својот омилен македонски пејач Јонче Христовски со фрлањето палто на крајот од импресивната интерпретација на „Ако умрам ил’ загинам“.

Тој ги освои срцата на Македонците со афирмацијата на македонската песна во Јапонија, каде што со свои колеги од оперската сцена често ги изведуваат најпознатите љубовни и патриотски нумери од Македонија, а паралелно промовира македонски вина како амбасадор на „Вранец“.