Чекај Зоќе, не оди си. Не сте изгубиле на локалните избори. Напротив, сте „тепале“! И тоа убедливо!
Така барем пресметале алхемичариве од се-де-се-то. Според нивната математика, партиите од владината коалиција се во позитива од 19.090 гласови и добиле 61 советник повеќе од опозицискиот фронт. Затоа, нема што да му даваат предвремени избори на „разулавениот“ Мицкоски, порачуваат од „Бихаќка“.
Собирањето, очигледно, им оди од рака, со една „мала“ фалинка. Кај се освоените градоначалнички места? Е тука, ту да му се сневиди, здружената опозиција пред прегласувањето во неколку општини има вкупно 45+1, вклучувајќи ја независната кандидатка за градоначалник на Скопје поддржана од неа, а првиве 30.
Аргументот со предноста во советници наспроти градоначалници како некаков индикатор за поддршката на власта конкурира да се изучува на престижните универзитети низ светот, имајќи предвид дека буквално секаде критериум за (не)успех на општински избори е бројот на добиени градоначалници. Плус најголема специфична тежина насекаде има освојувањето на главниот град и на големите градски центри, а тука е уште поизразена разликата во корист на опозицијата.
Ако се важеше само вкупниот број на освоени гласови, ни Доналд Трамп немаше да стане претседател на САД во 2016 година, кога освои безмалку 3 милиона гласови помалку од Хилари Клинтон. Но, според американскиот изборен систем, решаваат електoрските гласови, а тука Трамп однесе убедлива победа од 304:227.
Веселата математика на социјалдемократите би била најсоголена кога би се пренела на спортски терен. Нивната логика, на пример, во фудбалот би била – што ако е 3:0 за вас, кога ние имавме поголем посед на топката и погодивме две стативи. Или во кошарката – изгубивме со 20 поени разлика, но постигнавме повеќе тројки.
Поголем апсурд од овој е што воопшто бараме логика во ставовите на партијата на Заев, која и во однос на референдумите си ги толкуваше резултатите како што ѝ одговара на неа, а не како што налагаат правилата на играта. Референдумот за името од пред три години ДИК го прогласи за неважечки поради излезноста од само 36,9 проценти, а законскиот минимум е 50 отсто плус еден глас од запишаните во избирачкиот список, но тие си го оценија како успешен бидејќи 94 отсто од тие што гласале го поддржале договорот со Грција?! Затоа, пак, на референдумот за територијалната поделба од 2004 година, организиран исто така од СДСМ, над 95 проценти од излезените се изјаснија против новата територијална организација на општините, но власта се држеше до законот и го означи како пропаднат поради излезеноста од 26,6 отсто.
Мешањето баби и жаби не е ништо ново за партијата на која не ѝ личел патриотизмот, според лидерот во заминување. Кон таквата тактика, заедно со релативизирањето во кое станаа светски шампиони, прибегнуваат секогаш кога ќе им бидат загрозени удобните фотелји. Што сака нека биде со државата, важно тие да си го доистераат мандатот. Оти прашање е дали и кога повторно ќе припарат до власт по сè што ѝ направија на Македонија.






