Русија ги предупреди САД дека започнувањето воздушни напади како одговор на сомнителниот хемиски напад во Сирија би можело да предизвика војна меѓу двете земји.
„Итен приоритет е да се спречи опасноста од војна“, изјави во четвртокот рускиот амбасадор на ОН, Василиј Небензиа.
Тој го обвини Вашингтон дека го става меѓународниот мир во ризик и рече дека ситуацијата е „многу опасна“.
Се верува дека западните сили се подготвуваат за напади, но Русија, сириски сојузник, се спротивставува на таквата акција, пишува Би-би-си.
Амбасадорот рече дека постои зголемена „опасност од ескалација“ поради руското воено присуство во Сирија.
Високи руски фнкционери, вклучувајќи го и началникот на армијата, предупредија дека американските ракети ќе бидат соборени како и местата од каде ќе бидат лансирани доколку рускиот персонал биде под закана.
Небензиа, исто така, побара од Советот за безбедност на ОН повторно да се состане, а најверојатно денес ќе има итна седница.
Белата куќа вели дека продолжува да ги проценува разузнавачките информации и да се консултира со своите сојузници за тоа како да одговорат.
Британската влада ѝ даде зелено светло на премиерката Тереза Меј за евентуален напад во Сирија и таа телефонски разговарала со американскиот претседател Доналд Трамп. Тие се согласиле дека моментно најважно е да се одврати сириската влада од употреба на хемиско оружје, пренесува „Ројтерс“.
Состанок за евентуален напад одржа и Трамп со својот тим, но од Белата куќа беше соопштено дека немало никаков заклучок, односно дека не е донесена конечна одлука.
Во меѓувреме, Организацијата за забрана на хемиско оружје (OPCW) соопшти дека утре во Сирија ќе отпатуваат аксперти и да започнат истрага за наводниот хемиски напад.





