Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека по лебот, замрзнување на цените неделава се очекува да има и за тестенините, а следни на оваа листа би можеле да се најдат и млечните производи, маслото за јадење…



„Се прават анализи од страна на Министерството за економија во делот на увозни цени, се разговара со здруженијата во рамки на коморите и се земаат податоците од Државниот пазарен инспекторат. Најверојатно, до крајот на неделата ќе има одлука за замрзнување на цените на тестенините, односно за макарони и шпагети“, најави Бектеши во изјава за ТВ24.

Според првичните анализи минималното намалување ќе биде 10 отсто од постоечките цени на овие тестенини, но дека е убеден дека тоа ќе биде и поголемо.

„Имаме цени од одредени тестенини кои во моментов се продаваат по 51 денар, тие нема да бидат повеќе од 44 денари. Имаме тестенини кои се продаваат од околу 60 денари, тие нема да бидат повеќе од 52 денари, ќе има големо намалување во тој дел“,рече Бектеши.

За маслото за јадење, во наредните 10 дена се очекува сите производители да имаат цена под 100 денари за литар.