Се бараат гласови плус за новиот закон за Јавно обвинителство

СДСМ ќе продолжи да бара поддршка од уште неколку пратеници од опозицијата за да го осигура двотретинското мнозинство Законот со кој се продолжува работата на Специјалното јавно обвинителство.



Европската унија ја услови државава дека без регулирање на статусот на СЈО со Законот за јавно обвинителство, без обезбедување на неговото постоење и натамошно функционирање, нема позитивна препорака за Република Северна Македонија.

Откако двете рунди преговори меѓу работните групи на СДСМ и ДУИ завршија безуспешно, од власта најавија дека паралелно со ВМРО-ДПМНЕ ќе бараат помош и од другите пратенички групи. 

Вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи најави врбување на пратеници од опозицијата за да се постигне двотретинско мнозинство за новиот Закон за јавно обвинитество.

„Јас сметам дека треба да се продолжи паралелно да се работи во две траектории. И во продолжување на обид за постигнување на консезус но и во комуникација со пратениците, за евентуално да се обезбеди мнозинство во Собранието“, вели Османи.

Од БЕСА ниту потврдуваат, ниту негираат дека ќе дадат и поддршка на власта, но се лутат бидејќи не учествуваат во преговорите а се разочарувачки од досегашните резултати на СЈО.

Од Алијанса за Албанците тврдат дека ваквиот предлог закон на власта не го гласаат. За Арбен Таравари СЈО во рамки на ЈО значи спас за функционери од ДУИ. 

Али Ахмети упати апел до ВМРО-ДПМНЕ да продолжат со преговорите за да стигнат до компромис.

И од партијата на Заев велат дека ставот не го менуваат – ќе продолжат со преговори со ВМРО-ДПМНЕ, иако од досегашните средби нема резултати. 

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека чекаат одговор од власта за испорачаните три принципи. Децидни се дека нема потреба да се зборува за амандмани кога за основните барања се уште немаат постигнато договор. Топката ја префрлаат кај работната група на СДСМ. 

Осуммината патеници пак засега се воздржани. Иако според неофицијалните информации, Заев добил поддршка засега од само тројца од нив. Утре на маса ќе го стават предлог законот па ќе одлучат дали ќе го поддржат. За да се изгласа законот се потребни 80 гласа, кои што власта без помош од опозициски пратеници ги нема.