Емануел Макрон се соочува со повици за парламентарна истрага, откако досиејата на Uber ги открија неговите „извонредни напори“ како француски министер за економија во времето на неговиот претходник, Франсоа Оланд.



Опозициските пратеници во Париз остро го критикуваа актуелниот претседател, Емануел Макрон, обвинувајќи го за „лобирање во служба на странски приватни економски интереси“ по откривање на скандалот за тајниот договор со „Убер“ .

Во периодот од 2014 до 2016 додека бил министер за економија, Емануел Макрон одржал серија непријавени состаноци со првите луѓе на Убер.

Францускиот весник „Л’Монд“ пишува дека Макрон постигнал „таен“ договор со Убер за регулирање на услугите на компанијата на директна штета на постојните традиционални такси компании.

Медиумските истражувања се темелат на 124.000 документи на Убер од периодот 2013-2017 година кои дошле во посед на британскиот весник „Гардијан“ од каде потоа биле споделени со други медиуми.

Францускиот претседател бил „идеолог на дерегулација и за глобализација“, критикува опозицијата од крајниот лев и десен спектар во Франција. Опозицијата бара и парламентарна истрага за претседателот, која може да се покаже засрамувачка за Макрон кој веќе го загуби парламентарното мнозинство. 

Според медиумските извештаи, со „тајниот договор“ Макрон се согласил да му помогне на Убер да го заобиколи законодавството донесено во 2014 година за регулирање на такси услугите на, тогаш, новата апликација. „Л’Монд“ го опишува Макрон како „повеќе од поддржувач, речиси партнер“ на Убер во текот на 17 состаноци кои тој и неговите советници ги одржале со првите луѓе на компанијата.

Во тој период, Убер бил под истрага за своите деловни активности кои биле спротивни на француските социјални закони.

Од Убер Франција потврдија за агенцијата Франс Прес дека комуницирале со Макрон додека бил министер за економија, пишува Дојче веле