Трите последни обраќања на СДСМ на јавноста преку прес-конференции и соопштенија го поставуваат прашањето за вистинските намери на владејачката партија кога го повикува ВМРО-ДПМНЕ за поддршка на уставните измени, имајќи го предвид упорното грешење на името на најголемата опозициска партија.
Во сите три обраќања денеска од „Павел Шатев“ број 8 партијата со 44 пратеници, без која нема двотретинско мнозинство за отворање на Уставот заради вклучување и на Бугарите во него условено од официјална Софија, именувана е вкупно седум пати и во сите седум наврати како – ДПМНЕ.
Обидот за навреда и омаловажување преку упорното премолчување на кратенката ВМРО од официјалното име на партијата со најмногу пратеници во овој состав на Собранието не кореспондира со обидот да се убеди лутиот ривал на политичката сцена да попушти за преземените обврски од СДСМ со т.н. француски предлог.





