СДСМ со нов дебакл во војната против министерот за внатрешни работи Чулев

Социјалдемократскиот сојуз доживеа тежок правен пораз во нивниот обид да го понижат министерот Наќе Чулев кој е под постојан притисок од медиуми и функционери на СДСМ.



Со денешната одлука на Државната комисија за спречување на корупција се утврдува дека и правно Оливер Спасовски и неговите колеги од СДСМ во владата згрешиле кога му укинувале одлуки на Чулев.

Имено ДКСК прифати постапка поднесена од министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, а отфрли пријава поднесена од неговиот заменик Славјанка Петровска.

Како што соопшти Чулев, Комисијата ја прифaтила неговата пријава која била поднесена како резултат на одлуката на Владата за поништување на решенијата за распоредување.

Во исто време Комисијата не ја прифатила пријавата на Петровска поднесена за наводни незаконитости и коруптивни дејствија во постапка за објавување и избор на кандидати по интерни огласи во МВР, а наводно сторени од Чулев.

„Во однос на пријавата поднесена од министерот Наќе Чулев од страна на ДКСК донесена е одлука според која владата со донесувањето на одлуката за поништување на решенијата за распоредување на работно место и наредби за извршување на наредби и задачи со која е поништено и решението со кое се именува началник на сектор за внатрешни работи Тетово, ја прекршила забраната утврдена во чл. 8-а став 1 алинеја 3 од изборниот законик и во членот 34 став 1 алинеја 3 од законот за спречување на корупција и судир на интереси. Спорната одлука на Владата била донесена на 18.02.2020 година, два дена по донесување на решението за распишување на предвремените избори за пратеници од страна на претседателот на Собранието, односно истата била донесена за времетраење на изборниот процес, кога важат забраните утврдени во чл. 8-а ст. 1 алинеја од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси“, соопшти Чулев.

Во однос на пријавата од Петровска ДКСК донела одлука со која постапката се запира.

Во образложението на одлуката ДКСК наведува дека во предметниот случај не се направени никакви прекршувања на законските и подзаконските акти и било какви коруптивни дејствија, дека во предметниот случај е променета фактичката состојба односно од страна на Владата биле донесени одлуки за поништување на решенија за распоредување на работно место и наредби за извршување на работи и задачи, со кои биле поништени повеќе решенија донесени од министерот за внатрешни работи, потпишани само од него во периодот од 06.02 до 17.02.2020 година и дека во конкретниот случај станува збор за прашање поврзано со надлежно постапување на друг надлежен државен орган, односно се работи за несогласување меѓу министерот и дополнителниот заменик во кој случај согласно одредбите на законот за владата должна е да постапи државната изборна комисија.