Владеачката СДСМ му дава уште време на Мицкоски и се уште се надева дека ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставни измени по бугарски терк иако од опозицијата одамна ја затворија оваа тема.
Заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, во рамките караванот „Рамо до рамо, до победа“ вчера беше меѓу граѓаните на Гостивар каде пред присутните рече дека СДСМ, како одговорна и државотворна партија ќе стори сé за да продолжи напредокот кон Европската унија но дека одговорност имаат сите политички партии.
,,СДСМ ќе направи се за да продолжи европскиот пат, да продолжи напредокот кон ЕУ. Одлуката за ЕУ е одлука за иднината и сите политички партии имаат одговорност. Затоа треба да ја поддржат. Сега е време да застанеме заедно и дијалогот да продолжи. Ние подадовме рака, ДПМНЕ го смени ставот, не се против уставни измени, прифаќаат учество во заедничка Влада, признаваат легитимитет на Собранието. Даваме уште време и повикуваме во интерес на земјата што поскоро да продолжи разговорот за уставните измени. Се работи за реализација на стратешка, надпартиска цел за членство во ЕУ”, рече Лукаревска.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одамна објави дека дебатата за промена на уставот под бугарски диктат е невозможна и постави два услови кои засега СДСМ не ги исполнува.






