СДСМ се повика на тајна анкета за да не оди на избори

СДСМ тврди дека презема одговорност пред граѓаните и интересите на државата и поради
граѓаните кои бараат резултати во економијата нема да оди на предвремени парламентарни избори.



Во владеачката партија се повикуваат на анкети кои не се објавуваат во јавноста на кои наводно убедливо води СДСМ.

СДСМ вели дека “државотворна партија на која на прво место и се интересите на граѓаните и државата не мисли на предвремени избори дури и кога рејтингот и поддршката од граѓаните е многу повисока од онаа на опозицијата”.

Во јавноста веќе 3 месеци не е објавена анкета за рејтингот на партиите.

“Како одговорна влада најавивме економска година, создавање силна економија која отвора шанса за сите.

Економијата е раздвижена и стабилизирана, платите растат, се зголемуваат инвестициите, се отвораат нови работни места, се повеќе пари завршуваат кај граѓаните.

Тоа е добра основа за засукување на ракавите и посветување на резултат што го бараат граѓаните, на се она што е потребно за подобар животен стандард на сите наши граѓани.

Веќе сме дел од НАТО, очекуваме датум за преговори со Европската унија и реализирање на потребните реформи.

Одговорна партија, одговорна власт, не би ја загрозила таа шансата, не би го загрозила датумот за преговори во Европската унија со предвремени избори и стопирање на реформите.

Република Северна Македонија ја очекуваат кристално чисти, фер и демократски претседателски избори на кои ќе победат граѓаните, ќе победи СДСМ. Фер избори на кои ќе загуби ВМРО-ДПМНЕ. Деструкцијата и блокадите ќе бидат поразени.

Извршниот одбор на СДСМ го овласти претседателот на партијата, генералниот и организациониот секретар, да направи консултации со коалициските партнери како и со други парламентарни и вонпарламентарни партии, за да дојдеме до консензуален кандидат за претседател на државата, заеднички да застанеме зад кандидат за кој што ќе застанат граѓаните.

На нашата татковина и е потребен вистински претседател на сите граѓани, којшто ќе работи исклучиво во интерес на граѓаните и државата а не како досега само за партиските интереси.

Одиме на победа, граѓаните на претстојните претседателски избори ќе изберат вистински претседател”, се вели во соопштението на СДСМ од централниот одбор на кој е одлучено да не се оди на парламентарни избори.