Со вчера изгласаниот пакет закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10-д што ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, се отвора патот за побрза и поевтина изградба на четирите автопатски делници од коридорите 8 и 10-д, а дека нивната изградба ќе значи прво поврзување на земјава кон запад и кон исток, се вели во соопштението од СДСМ.
„Собранието на Република с. Македонија, ги донесе измените и дополнувањата на законите за изградба на стратешки инфраструктурни проекти од национален интерес. Реализацијата на овој стратешки проект, каде е предвидено да се вклучат домашни компании, значи нови 8 000 работни места, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП за 2 отсто годишно во наредните пет години. Тоа е директен импакт врз македонската домашна економиј и е трајна вредност во инфраструктурата“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Со изградбата на овие два коридори, велат од партијата, од кружен тек на Балканот, Македонија станува вистинска крстосница на Балканот.
Петте закони поврзани со изградбата на коридорите, што претходно ги разгледуваше Комисијата за европски прашања, на вчерашната пленарна седница во Собранието, беа усвоени со по 62 гласа „за“ и по 43 „против“. Единствено за измените на Законот за урбанистичко планирање, „против“ гласаа 44 пратеници.






