СДСМ целосно се оградува од објавата на Фејсбук страницата на локалната организација во Арачиново, се наведува во партиската реакција. Станува збор за злоупотребата на страницата спротивна со вредностите и политиките на СДСМ за што ќе следи целосно расчистување на случајот и одговорност, најави партијата.



Партискиот огранок на СДСМ во Арачиново со статус на социјалната мрежа Фејсбук ги повика сите кои се пријавиле на огласот на Министерството за одбрана за прием на војници во Армијата да дојдат во партиското седиште на СДСМ во Арачиново.

„Армијата е за професионалци и нема простор за ништо друго. Пријавувањето и селекциите за конкурсите за професионални војници се спроведуваат по највисоки стандарди од страна на надлежна институција која нема никаква врска со ниту една политичка партија. По спроведените реформи во изминатите години, токму од страна на СДСМ, одлика на Армијата е професионалност и стручност по највисоки стандарди, за што сите ние сме особено горди“ – се наведува во соопштението на СДСМ.

И Министерството за одбрана реагираше на информацијата објавена во медиумите, според која на социјалните мрежи се споделува повик од партискиот огранок на СДСМ Арачиново „кандидатите за нови членови на армијата да се пријават кај раководителот, односно оние што се членови на партијата да се пријават кај партиското раководство“.

„Во врска со натписите во некои портали, а се однесуваат на објава на фејсбук профил на општинската организација Арачаиново на политичката партија СДСМ, ве информираме дека процесот на пријавување и селекција за конкурсот за прием на професионални војници се спроведува согласно професионални норми и стандарди и МО и Армијата не дозволуваат било какви партиски или друг вид влијанија.

Во Армијата на Република Северна Македонија војниците кои ќе бидат примени ќе треба да ги исполнуваат сите професионални карактеристики пропишани на огласот. Најдобрите ќе бидат примени. Ги охрабруваме сите граѓани заинтересирани да аплицираат без разлика на верска, национална, партиска или било каква друга припадност. Истовремено ги повикуваме политичките партии да се воздржат од било какви притисоци или влијанија врз сегашните и идните припадници на Армијата. Армијата и служи на државата, а не на партиите“ – се вели во соопштението од МО.