СДСМ се фали со раст на платите од 11 %, молчи за растот на цената на храната од 25 %

Економските политики на Владата предводена од СДСМ даваат резултат тврди владеачката партија која цитира податоци од Државниот завод за статистика во кои просечната плата за месец јули изнесува 31.812 денари односно за 11.5 отсто повеќе од истиот месец од 2021 година.



,,Во апсолутен износ тоа е за 3.200 денари повеќе за само една година.
Од овој месец следува покачување на платите во образованието, детската заштита, полицијата и одбраната што ќе влијае на дополнително зголемување на просечната плата.

Во услови на светска економска и енергетска криза преку одговорни и ефикасни мерки и политики Владата предводена од СДСМ обезбедува стабилност и конкурентност на домашната економија”, пишуваат од Бихаќка во своето соопштение за јавност во кое не ја спомнуваат инфлацијата која само кај храната која е најголема ставка за граѓаните, е над 25 проценти за една година.

Во август цените на храната во земјава биле поголеми за 25,1 процент споредено со август 2021 година, објави Светска банка, во својата последната анализа за инфлацијата на храната во светот, во која меѓу другото се наведува дека се зголемува несигурноста со храна во светски размери, во услови кога повеќето од земјите и сиромашните, но и богатите имаат двоцифрени бројки на инфлација.