„Упатуваме порака до Алтернатива дека вратата за соработка е отворена и понатаму. Овие времиња се важни за европската иднина и за економските реформи и ги повикуваме да се издигнат над тесно-партиските интереси и да размислат уште еднаш.
Иако Алтернатива не одговори на понудата за продолжување на соработката, партијата е добредојдена со свој придонес во европската коалиција“, изјави портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски на денешната прес-конференција.
Три министерски места за Алијанса за Албанците
Со предлогот за реконструкција на Владата што премиерот Димитар Ковачевски го доставил во Собранието, Алтернатива ги губи актуелните министерски позиции во два ресора – Здравство и Информатичко општество и администрација, а на нивно место би дошле кадри на Алијанса за Албанците (АА).
Алтернатива во актуелниот владин состав има и министер без ресор (задолжен за дијаспора), Џемаил Чупи, но засега од Владата нема информација дали е предложено негово разрешување.
Каков ќе биде ставот на Алтернатива, дали ќе остане во влада, како што се шпекулира, но нема да гласа за реконструкцијата, ќе се одлучува утре на Централното собрание на партијата.






