Партијата на власт СДСМ која до вчера убедуваше дека нема да има нови бугарски барања ако минат уставните измени почна да,,продава патриотизам” откако нивниот бугарски партнер Кирил Петков се обиде да го присвои Илинденското востание преку резолуција во бугарското собрание.
Партијата која се согласи на менување на македонската историја на барање и на Петков сега прави обид да се претстави како патриотска организација преку Илинден.
,,Илинден е еден од најсветлите празници во македонската историја. Светилник на нашата борба за посебност и независност. И тоа не може да го смени и одземе декларација на која било партија. Во или вон Македонија”, изјави денеска портпаролот и пратеник на СДСМ Дарко Каевски.
СДСМ преку Каевски му одговара на Петков а на македонците сака да им порача дека се грижи за историјата на Макеоднија што со оглед на сите претходни отстапки кон Бугарија е невозможна мисија.
,,Илинден е дел од секој Македонец и од целиот македонски народ, на 2ри август ќе го прославиме со полно срце и гордост како 120 години до сега. СДСМ ќе предложи Резолуција за Илинден во македонското Собрание во вторник”, вели Каевски.
Предлог декларацијата на СДСМ доаѓа откако партијата на екс бугарскиот премиер Кирил Петков поднесе Декларација дека Илинденското востание е бугарско.
Според декларацијата на Петков „Илинденско-преображенско востание е венецот на бугарското национално ослободително движење“.
Додека беше премиер Петков убедуваше дека Македонија и Бугарија треба да се занимаваат со економија и инфраструктура без да ја чепкаат историјата.






