СДСМ објави уште 17 кандидати на градоначалници, а на изборите ќе оди со 69 кандидати во 80 општини и град Скопје.
Во останатите 10 ќе ги поддржи кандидатите на ДУИ.
Најголеми изненадувања меѓу кандидатите се изостанувањето на Саша Богдановиќ во Центар кој можеше да биде вториот кандидат Србин и Мартин Костовски во Куманово кој не стана кандидат иако Максим Димитриевски не е беше партиски избор.
Единствениот кандидат Србин на СДСМ на изборите е Ненад Коциќ во Велес кој беше објавен минатата недела.
Извршниот одбор на СДСМ синоќа ги утврди кандидатите за градоначалници во уште 18 општини низ државата за претстојните локални избори на 17 октомври. Со вкупно утврдени 69 кандидати кои се дел од најдоброто од СДСМ ја бараме поддршката од граѓаните за уверлива, силна и јасна победа на локалните избори. Го имаме најдоброто и СДСМ е фаворит и победник на овие локални избори, изјави на денешната прес-конференција Љупчо Николовски, генерален секретар на партијата.
Една третина од сите 69 кандидати за градоначалници на СДСМ, посочи Николовски, се нови лица.
Кандидати на СДСМ се Оливер Илиевски во Куманово, Горан Герасимовски во Центар, Христо Кондовски во Битола, Асан Ферат во Шуто Оризари, Николче Мисовски во Кривогаштани, Димче Шипинкаровски во Струга, Игор Крцковски во Дебарца, Сашко Комненовиќ во Чучер-Сандево, Аднан Џаферовски во Долнени, актуелниот пратеник Коле Чаракчиев во Радовиш, Џемзи Мамути во Врапчиште, Сашко Митковски во Крива Паланка и актуелниот пратеник Костадин Костадинов во Струмица.
За втор мандат СДСМ ќе оди во Ѓорче Петров со актуелниот градоначалник Александар Наумовски, во Македонска Каменица со актуелната градоначалничка Соња Стаменкова, во Гевгелија со актуелниот градоначалник Сашко Поцков и во Македонски Брод со актуелниот градоначалник Живко Силјановски.





