Најбогатата општина во Македонија каде локалната власт ја има СДСМ тргнува по стапките на старото ВМРО-ДПМНЕ, преку видео кампања ќе ги учи граѓаните дека треба да го почитуваат законот и сообраќајните знаци.
Општина Центар со телевизиски спотови и летоци ќе ги едуцира граѓаните да не се паркираат на улици и тротоари.
Иако во Центар речиси да нема место каде можете да ја ставите колата без да платите или да ви ја крене пајак, градоначалникот Богдановиќ е уверен дека одлуката за која СДСМ ја критикуваше бившата власт (трошење пари на кампањи) сега е исправна.
Општина Центар, ЈП „Паркинзи Општина Центар“ и СВР Скопје од денеска започнуваат со едукативна кампања за безбедност во сообраќајот „Паркирај совесно!“, која ќе биде насочена кон подигање на сообраќајната свест и култура на повисоко ниво, зголемување на одговорноста кај возачите и укажување на важноста и потребата од почитување на сообраќајните правила и прописи.
„Апелирам до граѓаните да ги почитуваат правилата и прописите и да не ги паркираат своите возила пред објекти, коловози, тротоари, зелени површини, пешачки патеки и други слични површини кои не се наменети за паркинг“, рече на прес-конференција градоначалникот Саша Богдановиќ.
Во наредните 60 дена ќе се емитуваат вкупно 8 едукативни видеа со пораки кои ќе придонесат да се изгради совесност за одговорно учество во сообраќајот и ќе ги потенцираат местата на кои возачите не смеат да запрат или да го паркираат своето возило. Еднаш неделно ќе се објавува по едно едукативно видео на неколку национални телевизии, македонски интернет портали и на социјалните мрежи.
Во склоп на кампањата, ќе се поставуваат летоци на паркираните автомобили на паркиралиштата со кои стопанисува ЈП „Паркинзи Општина Центар“ и ќе продолжат со секојдневно отстранување на сите непрописно паркирани автомобили во општина Центар се додека трајно не се реши сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање.





